25/10/2010
Под итно мора да се менува светот
Под итно мора да се менува светот
____________
Мислење 154,
14.8.2010
На самиот почеток на оваа година, во Хаити се случи катастрофален земјотрес. Се проценува дека бројот на жртвите е над 230 илјади. Што овој земјотрес го сместува на шесто место на најсмртоносните. Забележани се дури 52 афтершокови кои беа посилни од 4.5 степени. Околу 3 милиони луѓе беа погодени оваа катастрофа. Се сеќавате дека светот направи голем „евент“ од тоа. Светски познатите ѕвезди организираа донаторски средби, телефонирања… И така, лека полека премина во заборав овој немил настан. Само еден месец подоцна се случи уште потежок земјотрес во Чиле, кој траеше, тресеше цели 90 секунди. Иако Чиле е држава со специфична долгнавеста форма, земјотресот е осетен дури од 80 проценти од популацијата. За среќа, бројот на жртвите е далеку помал затоа што градбите се прилагодени на земјотресни услови. Потресите се почувствувани во Буенос Аирес, како и во Перу, во градови одалечени и по 2400 километри. Според некои извештаи помали штети претпел дури и Сан Диего во САД, како последица на цунами. А 53 држави поради оваа катастрофа се имаат алармирано за можни цунамија… Сеизмолозите потоа известија дека ова бил толку силен земјотрес што го скратил денот за нешто повеќе од една мјикро секунда, а истовремено ја поместил земјината оска за 8 сантиметри. Прецизни сателитски мерења покажале дека главниот град Сантијаго е поместен за 24 сантиметри. Дури и Буенос Аирес во Аргентина, кој е оддалечен цели 1350 километри е изместен за 4 сантиметри. Само овие две природни катастрофи направија смртноста оваа година да биде далеку над нормалата. Имено, во првата декада на овој милениум статистиката вели дека годишната смртност поврзано со вакви катастрофи е околу 78 илјади, според официјална агенција на ООН, наречена „Меѓународна стратегија за намалување на последици од катастрофи“. Во девееесетите на минатиот век просекот е околу 43 илјади. Што на некој начин покажува значително покачување на бројот на жртви од мајката земја. Дали се случуваат значајни промени во нејзиниот однос кон нас? Претеравме ли со неодговорниот однос кон неа? Во моментов на планетава околу 5 илјади врсти на животни се загрозени или пред истребување. Од мечки, бизони, камили, горила, леопарди, лавови, пантери, па се до делфини и китови… Листата е голема и кај растенијата. Мало загребување по податоците кои се достапни на интернет може да направи да се чувствувате многу непријатно. Се разбира ако ве интересира природата. А би требало сите да не интересира, затоа што сме дел од неа и нашата живеачка зависи од нејзината виталност. Но, тука не е крајот. Се чини како да сме на самиот почеток, на вратите од пеколот. Посебно, ако се погледаат сателитските снимки направени од НАСА на Москва која деновиве, неделиве е невидлива од дим, од огнови кои се насекаде. Кој можеше да се надева дека толку на север ќе се дебатира, моли за дожд. Сушата, комбинирана со пожарите доведе до тоа да биде уништено околу 25 до 40 проценти од житото, односно целокупните посеви на Русија. Тоа автоматски предизвикува глобално зголемување на цените. Што значи дека ако се продлабочи кризата, нема да не одмине ниту нас. Информациите и од Украина се скоро исти. И таму се предвидува поради сушата да се намали производството за најмалку 15 проценти. Казахстан исто така очекува околу 20 проценти помали приноси годинава. Овие три држави се најголеми производители во рамките на поранешниот Советски сојуз. Што значи дека голем дел од светот ќе осети сериозна разлика, а поврзано со неочекувани временски услови кои влијаат врз количината на храна која би била на располагање на човештвото во глобала. Би било добро листата на несреќи да завршуваше тука. Поплавите во Пакистан што се случија неделава се најголемите во историјата која таму се памети. Повеќе од 1600 луѓе загинаа, а загрозени се околу 14 милиони луѓе, што преставува 8 проценти од целокупната популација. Зоната на целосно уништување е поголема од илјада километри, колку да се има предвид. Оваа мега несреќа бара и мега одговор, инаку ќе се прелее во повеќе насоки. Ама овој свет не е идеален. Има граници, има влади, има мое и твое. Па кога твоето е на удар, мене не ме засега. Има политика и потиканство. Чудно е во ера на технолошки достугнувања, кога говориме за 3Д телевизија, за супер компјутери, да немаме соодветни одговори како да ја чуваме природата, како да ги зачуваме животните и растенијата, а со тоа да се заштитиме самите себе си. Оти очигледно е дека зависиме од природата. Очигледно е дека животните и растенијата не се тука за да ни направат поубаво визуелно да се чувствуваме и за да ги затвораме во зоолошки градини, како и по музеи и хербариуми. Нешто мора да се преземе. Сигурно досега сте го гледале апокалиптичниот филм „2012“. За тоа веќе пишував. Целиот свет пропаѓа и само неколкумина одбрани преживуваат за да ја продолжат историјата на човештвото. Сигурно е дека нема на таков начин да се повтори реалноста. Па сепак, вреди сериозно сите светски политичари, влади да размислат да се алоцираат според некаков глобален договор дел од парите кои се користат за воени потреби во насока на развивање на алтернативни извори на енергија кои нема да ја загадуваат планетата. Мислам дека сеуште не е доцна да се подигне свеста на доволно високо ниво на сите, посебно на политичарите дека може и корисна работа да се направи со нивниот ангажман. Наместо да се трошат беспотребни часови на политички и воени надмудрувања за некакво влијание, на време да се размисли како да се спречат надоаѓачки катастрофи од типот на Чиле, Наити, Пакистан или пак Русија. Сигурно е ако се примени технологијата и човечките потенцијали дека може да се предвидат и намалат штетите, на минимум од земјотресите, пожарите и поплавите. Може да делува како утопија, но ако само 10 проценти од воените буџети се пренасочат во наука и развој на технологија, овие области ќе имаат на располагање цели 153 милијарди долари на годишно ниво. Ова го пишувам врз основа на воените буџети кои изнесуваат 1.53 илјади милијарди за 2009 година на светско ниво. Да не говориме ако се успеее да се постигне договор за 20 или 30 проценти од парите да се потрошат за овие цели. Сигурен сум дека со тоа ќе се дојде до подобар свет. Да не говориме за слободата. Помалку оружје е за секого добредојдено. Филип Петровски Доктор по политички науки http://filippetrovski.blog.mk/ http://www.youtube.com/user/FilipPetrovski (ако сакате да прочитате повеќе посетете ја мојата страница) http://www.scribd.com/filippetrovski
Filed by filippetrovski at 9:59 am under вести, колумни, лично, општество Tagged blog, change, filip petrovski, makedonija, SKOPJE, vmro, world, дпмне, македонија, скопје, филип петровски
No Comments



